Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

И сега се договараме со Диме и се Јово кога да ја направиме Мариовската тура. Следниот период јас и Јово одиме за Италија, а Диме во Америка. И падна договор да одиме викендот 9ти и 10 јули (пожежок викенд не можевме да најдеме). Требаше да ја повториме турата од 2009та, со мали измени.

И така, се качивме на утринскиот воз за Прилеп. Точаци, бисаѓи, ранци, опрема за кампување, се е товарено.

Тргнуваме од Прилеп. Пазариме нешто за јадење и тргнуваме кон Лагово. Тука патот се исклучува кон Мариово и Штавица. Тука почнува угорницата. Врти врти, не оди точаков бе. Што ми е денеска? Ги гледам овие двајца веќе на другата страна од долот. Да не ми фаќа нешто? И ми текна, претходниот ден бев во Кукуш, Егејска Македонија, и така се исцрпив, ми се умираше...тешко мене.

А денеска па треба Мариово да го возам. Ама до Штавица се загреав. После си се почастивме со поглед над Штавица. Не за џабе Манчевски таму снима.

Асфалтниот пат продолжува до превојот каде навистина почнува Мариово. Потоа има спуст до Црна Река и Расим бегов мост. Е тука падна првото бањање. Леле, детски радости. Во меѓувреме Диме отиде до ресторанот да договори некоја риба да каснеме. Арно ама, газдата му рекол: Душмани да сте ми не ви давам од оваа река риба. Диме го прашал што е проблемот? Газдата: Па види колку е загадена бе. Малеееееее, а ние погоре се бањаме. Преживеавме. Што знае па тој?

Потоа има мала угорница и се доаѓа до раскрсницата за село Манастир. Тука скршнавме и отидовме право во селото. Тоа па, сето напуштено. Една жива куќа нема. Обраснато е се. Арно ама, има жив манастир. Таму не прими отец Никола. Разговараме за актуелни теми, Чебрен, Галиште, атомска централа. Замислете го тоа во Мариово. Направивме тура околу манастирот и продолживме. Асфлатот завршува. Кога бевме тука последен пат возевме по темница. Сега гледаме каде ли сме се пикале. Полека стигнавме до местото каде што треба да кампуваме. Близу до колибата на професорот. За жал не беше тука. И пак детски радости. Одма се фрламе во вода. Бањање на река Сатока.

Си носев лежалка, пераи, дишалка и наочари за вода. Исто како за на плажа. Си правиме интересно. Тоа место е друга планета. Верувајте ми. Дури потоа ручавме. Одморивме малку и легнавме да спиеме. Утрото не разбудија некои ловџии од Прилеп. Чудно бе како ме препознаа. Ми викаат: абе ти си оној што оди Трескавец? Велам: јас сум. И си продолжија. Доручкувавме и тргнавме накај Зовиќ и битолско Мариово. Море едно туркањееее. Море едно жешкооооо. А требаше повеќе луѓе да бидеме ама отидоа со Дац на Шарски води. И подобро. Вози-туркај-вози-одмори-туркај и стигнавме во Зовиќ. И пак ја извадивме опремата за на вода и пак детски радости. Река Градешница. Како да не сме виделе вода. Кој поголема глупост ќе направи. Се натпреваруваме. Диме извади едно радивце. Абе може Радио Пекинг да фати. И си пуштивме Македонско радио со некоја стааара музика, абе еден амбиент. Треба да си таму за да сфатиш.

Ни досади и тргнавме накај баба Сава и дедо Миле. Двајца од последните четворица жители на селото. Значи пола село знаеме. Фраери. Ручече кај нив. Муабет. И дојде време да се движиме.

Тргнавме кон Старавина и потоа кон Будимирци. Село со 8 жители. Начекавме еден локалец и ни раскажа се. Тука се избањавме во четвртата река, Белица. И затоа турата ја нарековме Мариовски води.

После реката има угорница. Патот е супер широк, има вода и сенка. Ама веќе бевме уморни. Не очекувавме дека угорницата ќе биде толку долга. Ама полека ја поминавме. После спустот стигнавме до село Скочивир. Епа готово. Скочивир се смета за прво мариовско село во Битолско. Се потсетивме на дружбата со Охриѓани од 5ти Јуни. Ах, антологија.

Седнавме пред продавница и чекавме да отвори. Пиевме некое пиво, муабет со локалци и легнавме да спиеме. Не мрзеше да го фаќаме возот во 18, па останавме да одиме со тој после полноќ.

Море не не мрзеше, туку не ни се одеше дома. Ни се враќаше во Мариово. Ах да можевме уште еден круг да направиме. Ама ете во Мај. Со многу народ и кампување и журка. Се гледаме таму.