Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

И така, после можеби три години натегање да му напишам на Ранте едно од нашите патувања, еве се осмелив и седнав...да напишам нели, патување. Е сега, кое да биде, многу ги има. А прв пат пишувам. Дали ќе биде добро? Дали Ранте ќе биде задоволен? Дали воопштом ме бива за пишување? Море ќе почнам. Штом Моте можел да напише, можам и јас. Иначе текстот на Моте на оваа страна што се однесува на турата на Бистра е една од посмешните (позитивно) колумни што скм ги прочитал. Делумно нели и бидејќи е напишана на локален прилепски дијалект/сленг. Сега уште дремам на bikemap.net и бирам од сите што сум ги исцртал една. Која да биде?

 

Мечка страв, мене нестрав. Ќе почнам. Па нема да сум едниствениот неуспешен патеписец. Ми е гајле.

Почнувам со една од поинтересните тури. Се вика: Битола-Смилево-Кичево. Вкупна должина од 112 километри, делумно ридска, делумно рамничарска. Две поголеми искачувања. Сабота. Јас, Јово и Пајо. Дрим тим. Август месец. Следниот викенд после Илинден.

Го фаќаме возот за Битола во 14.30 и се товараме. Јово и Пајо се качуваат на главна железничка, јас во Драчево. Ми јавуваат да купам пиво за во воз. Купувам. Се качувам и тргнуваме. Се сместуваме во последниот вагон. Седнуваме на подот во ходник, отвораме пивата и почнуваме.

Набрзо ни се приклучува и еден чичко, прилепчанец од Скопје, исто точкар и исто пивопиец. Делиме се. И пиво и кикири (поздрав Лиде). Муабет, муабет, стигнавме Прилеп. Е сега, човеков толку сме го импресионирале што му се закани на чичкото на станица во Прилеп, оној што му кажува на машиновозачот кога да тргне, да го држи возот да не трга додека не донесе пиво за нас. И така си добивме уште по едно скопјанче, во стакло.

Стигнавме Битола. Веднаш се распакуваме. Тргнуваме. Прво одиме Смилево. Ќе не стемни по пат, а? Купивме мноооогу работи за јадење и пиење. Кој возел со нас знае шшто значи тоа „ мноооогу работи за јадење и пиење“. Излеговме од Битола, на клучката лево кон Демир Хисар и гриземе од патот. Јово влече напред, како да е последен ден за возење. Ѕвер. Ние се влечеме по него, прекрасен предел. како повеќе завлегуваш во клисурата и се доближуваш кон Демир Хисар, така ти се крева патриотското чувство. Можеби најпатриотскиот крај во Македонија. Насекаде има споменици, чешми, бисти кои потсетуваат на нашето славно минато од времето на Османското „ропство“. Не стемни секако. Од патот за Демир Хисар се исклучивме лево кон Смилево. Гледаме онде свети нешто, близу е . Си викаме: „па блиску било“. Ама тоа било друго село. Море врти, врти по тоа планината и стигнавме некако Смилево. Имавме среќа дека беше ноќе па не ги гледавме угорниците. Мое мислење е дека угорниците се само state-of-mind и ако не гледаш колкава е, помалку ќе и се плашиш. Нема гајле, а? И нели стигнавме Смилево и веднаш...абе убав народ е тоа. Иначе разбрав дека Смилево е единствено „небрсјачко“ село во цела Брсјачија, нели нареќено по Брсјаците. Застанавме на првата продавница да се поздравиме. Веднаш ни понудија се што сакаме. Но одбивме, прво отидовме до највисокото место над селото да му оддадеме почит на големиот Даме Груев, нели родум од ова село.

Потоа се симнавме доле повторно во продавницата, јадевме, многу јадевме и легнавме да спиеме. Спиење во вреќа покрај река, фантазија. Сабајлето станавме рано. Кој како се буди така се дере. Од убаини, од што може друго.

Пак пред продавница, јадевме.

Пак горе до споменикот на Даме, да го видиме преку ден, на светло.

Абе еден поглед. Срце ти се полни. И одма со Јово муабетот: види го патчено, види ама оф-роуд, каде ли води оној пат, а види го овој. За крај, го исчистивме платото околу споменикот на Даме, им го тупнавме ѓубрето на смилевчани назад во селото и тргнавме накај Кичево.

Следно застанување ни беше пред Демир Хисар да фатиме сеир на скоро паднатиот теренец во каналот покрај патот. Во Демир Хисар не застанавме. Но затоа застанавме на првиот мост на реката Црна река, да се освежиме малку и да се избањаме. Супер беше, релаксација. Утепавме некое време. Се бањавме, скокавме во водата, се мачкавме со кал, демек како во бањите.

Подоцна разбравме дека над мостот, под којшто се бањавме, се слевале сите цевки од канализацијата на сите села во околината, па испадна дека калта што сме ја мачкале на нас всушност била...не пртаам муабет веќе.

Потоа се редеа сите убави села: Сопотница, Жван, Слоештица, Бабино.

Тука го сретнавме и пријатеклот Кире Корлевски од Битола.

Токму во Слоештица, роднот село на големиот Петре М. Андреевски.

Му бевме и на гробот.

Мавнавме по некое пиво, па не однесе во Бабино на рибник, па до Железнец на еден од поголемите извори на Црна и си заминаа назад. На влезот во селото сретнав една бабичка и и викам: „Бабе, колку жители има селото?“, ми вика: „Ами нема живи жители.“ „Е како бе бабе, ами ти нели си жива?“ „ Ами, 95 години имам, не сум жива.“ Си викам: „Како ќе кажеш, така.“ Железнец е многу убаво село. На изумирање, ама убаво/ Чудно зошто е празно кога се наоѓа на главен пат.

Ние видовме уште мнооооогу такви извори по пат нагоре. Лево од нас беше Илинска планина и селата Мало и Големо Илино, во тој период многу значајно за мене...името на планината и селата.

После почнува угорницата, голема угорница. На Пајо му фаќавме сеир зошто беше спор, а беше спор зошто имаше гуми за на снег, со огромни крампони, а ние се движиме по асфалт. Се собравме на превојот и почнавме да се симнуваме. По пат накај Кичево застанавме во село Брждени, прекрасно место. На Пајо невестата е од таму, затоа ни беше посебна чест да го посетиме. Каснавме малку и набрзо се најдовме во Кичево.

Демек да сме го виделе градот малку. Правиме обиколка. Што да видиш бе брааааат. Катастрофа. Неубав град, барем центарот.

Дојде време за на воз. За некое време сме Скопје.

http://www.bikemap.net/route/754604#lat=41.35413&lng=20.99745&zoom=13&type=1