Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

Недела сабајле живо пиле не пее по градо само шесточлениот екипаж со своите точаци ,немирно јуреше кон планините и ја рушеше утринската монотонија.

Старт 6.30

Договорено место: Паркот у Кочани

Со мали доцнења се собра веќе уиграната екипа (Чичо Перо, Професорот, Сашето, Жиката од Штип и ја), поткрепени со свежа крв, новото дете Боби. Временските услови за тура беа фантазија.

И тргнавме. Најпрво преку Македонска Каменица до Делчево, околу 50 км кои многу брзо поминаа поткрепени со вицовите на Чичо Перо нa кои никој немoжеше да им врати контра, и со прикаските на Жико како у основно ги воделе на екскурзија на браната Калиманци да проучуваат “фјордовите”. Стигнавме во Делчево и веднаш низ градот се упативме кон Голак. Висинската разлика од градот до врвот некаде околу 1000 н.м.в. кои треба да се поминат по патот долг 10 км. Уште на почетокот на брдото, добивме благослов за леснотија од еден поп кој случајно минуваше кај локалниот манастир.

Угоре малку побавно, прилично добар успон, првите 7 км навистина добри, цело време 12-13%, на крајот нешто поблаго околу 10%. Со по некоe кисело јаболко, и дива круша набрани успат успевавме да ги пребродиме тешките моменти. Можеби ќе се јави сомневање зошто сме полуголи во капините (види слики), но и за тоа постои добро објаснување. На Голак мораш да бидеш гол оти кој не е гол ќе си има проблеми со чуварите на врвот☺, а капините според теориите на Чичо Перо се за појачување на железото во крвта, па некој ако има поголем магнет на тркалото, нека му ја мисле, цело време ќе оди лево-десно во групата, зависно од тоа кој од екипата изедел повеќе капини.

                       

И конечно сме на врвот, прилично ладно околу 18˚С, мала пауза за освежување и ручек и читање на една жолта “книга” напишана од локалниот чувар на планинската куќичка, кој беше многу гостољубив и ни раскажуваше за минатите и сегашните времиња во планината.

Повторно старт, се оладивме, сега нозете помалку стегаа, ама само за момент, пак мало брдо и се загреавме и конечно на највисоката точка,после 60 км асфалт конечно земјен пат. Надолу кон Обозна спуст. Со повремени застанувања за да се собереме и да  ја решиме дилемата дали кравата е Милка или некоја друга (редот ми падна мене да ја прашам, ама не беше многу расположена за разговор), но очигледно не беше таа. Патот е широк (камионски пат) што нуди можност за брз спуст. Тоа и го правевме, се спуштавме брзо поминувајќи ги препреките што ги поставуваше Сашко правејки уметнички фотографии. На оваа планинска релација ќе сретнете 2-3 важни раскрсници кои можат да ве одведат во погрешен правец, (го осетивме на своја кожа пред 2 години) па затоа препорачливо е да добиете добри инструкции или да поведете некој кој претходно возел овде.

И по триесетина километри убава планинска патека со прекрасни глетки, еве не на Обозна. Точно на врвот на регионалниот пат Кочани-Берово. И пак спуст но сега асфалт. По пат  си купивме и мед, а Профата освежен од него ни наметна силно темпо, и кога гледаш за 1 час во Кочани.

Мало освежување за Жики на смоквата кај мене, и тој си го продолжи патот за Штип, а другите за спортски поздрав Здраво.

 

 

СУМА СУМАРУМ

 

Релација: Кочани-Делчево-Голак-Обозна-Виница-Кочани

Должина: 120 км (90км асфалт 30км земја)

Тежина: тамам (за поспремни рекреативци)

Околина: борова шума и извонредни глетки

Потребно: силна волја и вицкасти членови во екипата