Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 
Моте и Шарко…Каде да ја угасам жедта
Во која градина на рајот
Од воздишки е искована
Меѓу планините на светот
Нема таква бронзена планина
Ниту алхемичарот таква магија…

(Бронзена планина, Радован Павловски)

   Некогаш одамна, во времето минато, македонската земја била големо езеро, чунки на Кораб планина имало закачено алки големи, кои и ден денес се таму, само што не се гледале, а биле за бродови закачување. Дедо Ное, кога се сторило потопот, дошол со коработ во тие планиње и прво коработ поминал покрај Песјак планина. Врвејќи покрај трите низови камени врвови, ја грабнале гемијата одоздола и го уплашиле. Тогај рекол: - Их Песјак Планино, ќе ми дупнеш корабите! Отуа поминал преку Шар Планина, ја видел дедо Ное прошарана од вода и викнал име Шар Планина. Од преку Шара поминал преку Бистра, во неја ја видел водата избистрена и дал име Бистра. Од Бистра дошол на Крчин Планина. Тука скрцкал коработ и му се дало името Крчин Планина. Од Крчин Планина коработ дошол на Кораб и тука останал, дури се искршил. Ден денес е таму и се гледаат бруќето и дрва од коработ и други морски останувалки, полжави и праушки. (Легенда според М. Цепенков)  

  Каде да ја угасниме нашата жед… Во планина ли, во  долина, со вода, со поглед, со стена Нежиловска, со мисла длабока… Цело е кога имаш се. А што сакаме за да имаме се!? Па малку, добра волја, велосипед и луѓе со кој ќе го споделиш сето тоа. А каде! Па бистар ум, бистра вода, Бистра Планина. Телефонски повик, одиме ли на Бистра, Тајмиште. Прво, превртување по мисли, второ немаше. Одиме. Местото добро познато, градсака фонтана, малку поспани, кој ненаспан… Велосипеди се товарат, сите се прашуваме каде не води патот, кој бил, како е! Волјата е победник над физичката слабост, а веќе сме во коли, одиме Тајмиште. По пат мисли, малку шега, малку возбуда, сегде божјева хубавина - помисла на кратко. И ете не пред домот во Тајмиште. Не сме во селото. Каде е патот, каде е селото, каде одиме, каде има вода? - премногу прашања. Џими вика, ајде одиме, време е! Сите на велосипеди. Почнува асфалт, но само по неколку стотини метри, погрешен пат, не одиме кон селото, одиме по шумски пат, горе и само горе, кон врвовите и небото. Шума, букова шума, по некој поток пат пресекува, и пак шума. Па зарем не е ова Бистра, национален парк. Што ли очекував!? Одмор прв, да се собереме, групата  се развлече. Шума, нов поток и подзастанувам со помислата на Тања и нејзините доживувања со водите и потоците. Настана поимот Тањин елемент. Паднат во вода. Испрскан со вода и кал. И наеднаш и фотографија со Тања и Кристина. Со фотографијата дојдоја шумските јагоди кои ги немаше, но ете ги капините. Ураа капини брање. Љубо не позира, јаде занесено капини. Недозреани, красатки, прекрасни. Одеднаш поглед кон селото Тајмиште. На другата страна се наѕира Тајмиште, сето во сонце. Отворените очи се полнат со светлина и одблесок од селото. Дали живее некој, дали на враќање ќе влеземе во него, мисли рој. Прекрасно место. Продолжуваме низ буковата шума, која завршува со приклучување на калдрмата. Од сега добре дојдовте во човековата (не)цивилизација. Насетуваш дека патот те води кон рудникот за железо Тајмиште. Гледаш стара прекрасна куќа, руина. Гледаш нова руина, и наеднаш пред тебе се отвора вештачки рид – јаловиште од рудникот. Во прекрасната природа, вештачка човечка творба, раска во окото, неприемчива помисла за природата и чоекот. Ја дочекуваме и првата удолнина која води право во окната од рудникот. Дали мачнината од рудничките окна ја донесе и првата мачна угорница. Човекот тука ја совладал природата, во пониските предели, а ние ја совладавме со велосипеди. Но дали можеме да ја совладаме и во високите предели а без да ја нарушиме нејзината убавина? Се прифати патеката која води низ површинскиот коп. Гледаш огромна рана во природата. Црна рак рана, црни езера во длабините, солзи на природата. Помислуваш на фантомско место, место на духови. Но не, лага е тоа. Луѓе сечат остатоци од вагони за пренесување на рудата. Егзистенција во прашање. Старо железо. Корка леб. Шумата ја нема повеќе. Ние сме на 1500/1600 м. над морето. Веќем почнаја пасиштата, така огромни на Бистра. Со самото тоа доаѓа и поимот бачило, овци, но и на величенствениот чувар и вечниот пријател на човекот, Шарпланинецот. Ние неколку  души подзаостанавме. Разгледуваме околина, гледаме дека поминуваме впрочем на јаловината која се гледаше одоздола. Вештачки камен мост, кој поврзува 2 рида. Црнила од руда на сите страни, огромни камени блокови. Над блоковите змијулест пат и бела точка. Бачило. Веќем се слушаат лаежи. Некој вика, добре дојде до бачилото. Биди пријатен гостин, не вознемирувај, не крши, почитувај го нашиот дом, нашата природа, со тоа и јас тебе ќе те почитувам. Пораката примена од се срце. Тоа е порака на Шарпланинецот. Веќем сме во домот на овците. Во бачилото се појавија и првите недостатоци од вода. Испијани се по литар вода и поминаја 4 саати возење. Вода. Црево кое овчарите  го пуштиле од најблискиот извор. А тука и 3 прекрасни доброчудни шарпланинци. Наполнивме вода. Околу бачилото имаше чуден мир, кој се пренесе и во нас. Дури помисливме дека бачилото е напуштено, дека кучињата се снајдуваат сами, оставени сами на себе. Не беше така по кизнај кој пат. Качувајќи се нагоре, ја дочекавме и првата угорнина на која многумина од нас ја искачија со туркање на нашите велосипеди. При крајот од возвишението здогледуваш висорамнина. Точакот под нозе и шпринт во бескрајните ливади и пасишта. Во моментот бев сам, возам и следам пат. Но патот се дели, каде да одам?. Гледам стадо крави, понатаму гледам стадо овци. Застанувам пополека, кучиња викам. Дочекав пријателски глас. Добар ден дете, каде сте тргнале? Одговарам најљубезно со најљубезните и најпитомите луѓе, овчарите од Зајашка планина, дел од Бистра планина. Од нив си викам се можеш да дознаеш, само напред, прашувај. Кој предел е овај, прашувам!? Зајашка планина, до рудникот е Тајмишка, од сртов на десно и надолу е Љутевишка, а позади оние врвови (се мисли на Сандакташ) е Мавровско. Пресреќен. Научив како се викаат местата. Еден од овчарите беше со два прекрасни шарпланинци и неколку овачарски кучина. Прашав колку кучина има, дали се чистокрвни-изворни, дали се недоверливи на непознати посетители…? Добив одговор, „Како ти со природата и луѓето, така тие со тебе“. Еден од Шарпланинците како да сети дека зборуваме за него, дојде и застана помеѓу овчарите. Прекрасна слика, ги кадросав. Прашав на каде да одам, дали ги видовте моите пријатели. Покажаја накај највисокиот врв. Ахх врв... кој ли е тој врв... дали е тој крајот на етапата, не бев сигурен. Помислив дека патеката води позади тој врв, и продолжува на лево, до наредните врвови. Продолжив низ ливадите каде патот почна да исчезнува. Сандакташ е веќем пред мене. Угорнина. Длабоко задишан, слегувам од велосипедот и гледам во висовите. Гледам некој е веќем на врвот. Викам со велосипед на врвот, нема шанси. Мора да оставиле под врвот  велосипеди а одат пешки. Туркам и пешачам 5 мин. Стрмно, доста  стрмно. И наднаш моите пријатели. Се смејат, јас задишан. Јазик до земја. Оставам велосипед, вадам вода, слатка водица. Мислам дека на овој ден имам испијано најмногу вода во мојот живот. Не одморив ни 2 мин, видно возбуден тргнав на кај врвот. Последна етапа што би рекол Хулио Кортесар. Одам, фотографирам, одам, камења, трева и пред мене... Мавровско езеро, Маврови анови. Над нив од десна страна Шара со Голем и Мал Турчин (после 2 светска војна попознат кај народот како Титов врв), Кораб со свите раширени 2 едра, на лево Крчин Планина со Мал и Голем Крчин, па Стогово со Голем Рид и Бабин Срт, а под нив Меденица, највисокиот врв на Бистра. Убавина… полни очи работа. Дали се оди и до нив со велосипед??? Мисли разни... дали некој мене ме гледа на овај осамен врв. Нема крај. Има само почеток. Пред самиот врв нова фотографија, некој со велосипед се спушта од самиот врв. Спуст. Секоја чест. Аферим што би рекле Турците. Но на самиот врв и стадо овци. Влегувам меѓу нив, се шетам, цврсто шарам со очите, дали ме гледа некој друг освен овчарот. Не ме гледа никој. Се лажам! Зад мене цело време е Шарко. Застанувам, а тој ведро мафта со опашот. Ја сфакам пораката, ние сме пријатели. Почна едно подолго пријателство кое траеше 40тина минути. Имаше разговори дека се овие најпитомите овчарски кучиња кои воопшто ги имаме сретнато по нашите планини. Викаат дека кучињата ги препознаваат позитивните и пријателски настроени луѓе. И се во право. Стана дел од нашата екипа. Беше глумец, играше улога, своја, во својот дом, во својот врв. Од врвот поглед кон пола Македонија и подалеку. Прекрасно. Прекрасно. Леуново под нас, затскриен во шумата. Камена купола на самиот врв. Воздишки. Без зборови. Само ветер кој дува силно. Поглед во бескрај и помисла колку време можам да останам овде, на овај врв? Морам долу. Шарко со мене и се бориме по пат. Легнуваме во тревата, тој ме држи за рака, како да ме води до моите пријатели. Прекрасна ливада. Прекрасни цветови. Хммм немаше да ги видам и да се сетам на нив да не беше Шарко и борењето во ливадите. Ова ме подсети на една индијаснка легенда за настанување на светот. Господ ја создал земјата, па животните за да ја обожуваат. Главата им е стално со поглед кон земјата. Ја создал и водата, со нејзе и рибите како обожаватели. Создал небо. Морал да го создаде и човекот, на кого главата стално му е крената горе, кон небесните широви. Така Шарко со наведната глава, ме потсети на земјата и нејзината убавина, а не само на прекрасниот пејсаж во небеското синило. Шарко стана омилен на седенката. Обожаван. Миленик.  Но сите убави работи кратко трајат. Беше време за збогум, Високо Пладне што би кажал Радован Павловски. Тргнавме на долу, со последен поздрав спрема Шарко, планината, врвовите и се  што беше околу нас. Ред се створи, почна трката со удолницата, со адреналинот, со камењата и препреките. Спуст.

  Човекот не ја победи природата, човечноста остана вечна.

  П.С. Сликите се со мобилен, ќе се потрудам наредниот пат да обезбедам подобар фотоапарат. 

  П.П.С. Научив дека поубави фотографии се прават ако сликаш пред колона, отколку нивните грбови. 

  П.п.п.с. Фотографирај позначајни места, кои ќе асоцираат каде треба да се заврти, скршни, за да не се изгубиш во природата (за оние кои одат прв пат да го имаат тоа во фотографско сеќавање) 

  П.п.п.п.с. Шарпланинецот, името Шарко го доби од мене на самиот врв. Овчарот не знаеше македонски, беше Албанец, така да не го дознав името на кучето. 

   Технички опис: Рекреативна тура / Тајмиште - Сандакташ 

Тајмиште - Сандакташ

  Почеток-крај

  Со автомобили до П.Д. Тајмиште, 200м по асфалтниот пат и вртиш лево во шумската патека, излегуваш на калдрмата која води накај  површинскиот коп на рудникот Тајмиште, бачило, врв Сандакташ.
  Враќање од врв Сандакташ, бачило, рудник Тајмиште, по калдрмата поминуваш под селото Тајмиште, и на заградениот дел во подножјето вртиш десно до П.Д. Тајмиште. 

 

 

 должина на петеката 42 km
 висинска разлика вкупно 1070 m
 време на возење 5 до 7 часа
   
 тежина   4/5
 поглед    4/5
 забава    4/5
 техника    3/5
 носете со себе... Кацига, повеќе вода, храна, крема за сонце, алат за гуми, фотоапарат за прекрасните предели

 

 

Останати кратенки со фотографии од рекреативната тура:

http://bikestop.com.mk/pages/galerija-tajmisteavgust2008.html 

http://www.facebook.com/album.php?aid=28970&id=54647

4105 

http://www.facebook.com/album.php?aid=31585&id=59127

2854