Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

Во обид да се направи што е можно по удобно возење на некого му текнало да направи држач за седиштето со амортизација. Нешто како замена за седиштата со федери-амортизери.

Post Moderne 780 или уште именувано како Glide е токму таков држач за седиште со вграден 40 милиметарски амортизер на база на федер. Изработен е од 6061-T6 алуминиум, висината му е 300 милиметри и при 27,2 милиметри дијаметар, севкупно тежи 500 грама.
Амортизацијата на држачот е изменлива, односно преку навртување на инбусниот штраф во долниот дел на цевката се окрутува, а со одвртување се омекнува, односно се зголемува амортизацијата.

PM-780 - GlideПри монтажата, поради иницијалниот притисок на самото тело на возачот врз амортизерот, потребно е седиштето да се постави нешто повисоко од нормалната висина, како би се компензирало тоа првично спуштање. Се разбира тоа зависи од тежината на возачот и од подесеноста на тврдината на амортизерот. Најдобро е да се испроба неколку пати додека не се постигне соодветната висина.
За време на возењето со PM-780 најпрво не се чувствува драстична разлика меѓу ова и било кој друг нормален не-амортизиран држач за седишта. Функцијата доаѓа до израз при спуштање на тротоари, односно преминување преку дупки, кога задното тркало инстантно ќе се залепи за патот, односно ќе го почувствуваш отскокнувањето на федерот. Слично изразено чувсто на амортизацијата се добива при преминување со поголема брзина преку издигнатини на патот, при што доколку не се поткренеш ќе почувствуваш продолжено вибрирање на амортизерот, нешто слично на вертикално нишање. Проблемот, односно доживувањето на вистинскиот ефект на амортизерот настанува по одреден период на користење на држачот. Во случај на промена на држачот после користењето и поставување на обична шипка, се воочува драстична разлика. Секоја дупка на патот, не, секоја пукнатина на асфалтот изгледа како дупка, ги чувствуваш поизразено вибрациите на крампонот врз асфалтот. Одеднаш разбираш дека си заборавил да подстануваш на нерамнините на патот, бидејќи поради амортизацијата не си ги чувствувал толку многу.

Негативната страна на PM-780 е тоа што постои минимално хоризонтално движење на седиштето од неколку степени (2 - 4 степени) кое иако при возење не се чувствува, при центрирање на седиштето знае да збуни. Другата работа е што постои драстична разлика во тежината на обична шипка и овој држач. Така за фанатиците по полесни материјали и делови на точакот оваа опција за држач нема да им се допадне.
Проблем кој може да се појави е ненадејното кршењето на штрафот кој го стега седиштето. Тоа како таква појава можеби и не е толку невообичаена, но проблемот е поради нестандардната големина и навој на тој штраф. Така да најефтината варијанта во таков случај е да се купи нов држач.

PM-780 нема и не може да замени заден амортизер. Тоа е конструирано за правење на поудобно возење, можеби повеќе за мрзливи луѓе кои не сакаат на секоја пукнатина на асфалтот да потстануваат (а во земјава такви пукнатини и дупки има многу). Може да се земе како добра опција за велосипедисти кои сакаат земјени патишта, долги стази без екстремни предели, спустови или козји патеки. На велосипедистот му дава зголемен комфорт, контрола на задното тркало, односно чувство на патот, нема губење на силата при качување на угорници, а на точакот му додава неколку стотина грама повеќе и зголемен контакт со патот.

Се на се одличен компромис помеѓу тврдо возење и целосна амортизација. Соодветен за градско и приградско возење. Чекор поблиску до целосно уживање во долги возења со точакот. Но недостаток на поддршка во резервни делови.

Инаку соодветен штраф се наоѓа во некоја од ретко добро снабдените штрафари. Штраф како за кардан, па нека проба сега да се скрши.

Продавница: КТМ (Стефано 97), Скопје
Цена: ~1200 денари
Интернет страница на производителот: http://www.postmoderne.com.tw