Рејтинг на корисник: 0 / 5

Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда

Со рекреативната планинско-велосипедска патека Маврово - Лазарополе - Тресонче - Селце - Галичник - Маврово, ВСД Енерџи се приклучува на хуманитарната манифестација Мврово тура 2010, во организација на Амбасадата на Кралството Холандија, на тој начин што ќе ја извозиме оваа атрактивна, убава и тешка тура и ќе обезбедиме техничка помош за одвивање на турата околу Мавровско Езеро.

Почеток на турата е на Плоштадот во Маврово во 07:45ч, само со планински велосипед со добри гуми и сопирачки. Планирано е да се заврши турата до 16:00ч и велосипедистите да се приклучат на организираната културно забавна програма на Маврово тура 2010.

Качување со жичницата до терените на Бистра е од 08:00 до 08:30, а се стартува стартуваме во 08:45 од крајот на жичницата.

Право на учество имаат сите искусни бајкери (не е потребно да сте член на ВСД Енерџи, но ќе мора да ги почитувате правилата за однесување на ваквите тури и да придонесувате за безбедноста на групата и зачувување на околината) со технички подготвен велосипед, кацига и опрема за ваков вид на тури.

Жичницата е бесплатна за сите учесници што ќе купат маичка Маврово тура 2010 (од некој од хотелите во Маврово) и на тој начин ќе донираат средства за хуманитарната акција „Можеш ако сакаш“ за изградба на одделение за интензивна нега во Клиниката за педијатриска хирургија.

До Маврово учесниците патуваат во своја режија.

Турата е исклучително напорна и потребно е да сте психофизички подготвени да ја извозите.
Учеството на турата е на сопствена оговорност!

Препорачано е на турата да се носи резервна гума и алат за замена и лепење, алат за брзи поправки, резевна облека, храна, вода, заштитна крема со фактор 30 и повеќе, “аутан“ против инсекти, енергетски и изотонични напитоци и добро расположение.

На турата ќе има одговорен водич и механичар и пожелно ќе е да не ги заморувате со непотребни прашања од типот “уште колку има“, “каде сме сега“, “зошто ми се врти тркалото“ и сл. Имајте разбирање, и тие сакаат да уживаат во убавините на Бистра, а должноста ја обавуваат волонтерски. Затоа подгответе си ги велосипедите и проучете ја патеката.

Темпото на турата ќе биде рекреативно а планирани се и повеќе застанувања и паузи по потреба за да не се развлече групата.

При евентуална средба со овчарски кучиња во близината на бачилата покрај кои води патот, доволно е да слезете од велосипедот и да го туркате и нема да има проблем. Ако има ја дадете храната што ја носите ќе ви дозволат и фотка.
При евентуална средба со змија, не ја чепкајте и нема да има проблем.
Средби со крволочни диви животни не се очекуваат.

Тешка етапа за возење е од Тресонче до Селце и превојот пред Галичник, за некого ќе е и дел од асфалтиот пат пред Тони Вода. Опасна делница е спустот пред Лазарополе, спустот пред Тресонче и спустот по асфалтот пред Маврово.