Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда
 

Искуството покажува дека лимека пиво е доволно за да си го пренесете велосипедот со воз. При оваа навика си оставен на милост и немилост, односно моментално расположение на кондуктерот. Така цената или бројот на пивата се разликува и не е логичен ниту според бројот на километрите ниту според бројот на велосипедите. Затоа се обидов да ја извршам работата правилно - прашав.

Првата верзија ја предочија кондуктерите од возот Скопје - Кичево, каде рекоа дека за превоз на велосипед се плаќа 27 денари по изминат километар. За тоа беше презентирано дури и листа - ценовник на Македонски Железници.

Втората верзија, која пристигна од луѓето на шалтерот во Велес, каде се продаваат билетите беше: „Ако можете да ги качите велосипедите, не треба ништо да платите.“ Оваа опција е надалеку посакувана, но во тој случај кондуктерите може да направат проблем.

Третата верзија, каде исто така извор се кондуктерите, овој пат од возот Кочани - Скопје, вика дека постои правилник. Според нив на многу шалтери во Македонија има ново вработени, кои не се запознаени со правилникот. Според тој правилник цената за превоз на велосипед во возот се пресметува на изминати 50 километри. Цената за изминати 50 километри изнесува (отрпилика) 70 денари. Што значи, доколку го пренесуваш велосипедот на растојание од 55 километри, потребно е да се плати дупло, како за 100 километри, односно (отрпилика) 140 денари.

Со идеја да се расчисти дилемата прашав во Македонски Железници. На моето прашање:
- „Колку се доплаќа за велосипед во воз, секој кондуктер различно ми бара, кој гајба пиво, кој едно пиво, кој 127 денари... Има ли правилник?“, добив мошне едноставен одговор:
- „Продолжи како што си правел до сега.“
Со овој одговор, добиен од шалтерот за информации останав уште по збунет. За среќа луѓето беа расположени за моабет и ми ја појаснија ситуацијата.

Според правилник, велосипедот се носи во товарниот шалтер на Македонски Железници, кој од скоро е дислоциран од железничката станица. Според тамошната тарифа од Скопје до Битола чини околу 35 денари. Проблемот е што Железницата треба да има прикачено службен вагон за композицијата во кој ќе биде пренесен велосипедот, доколку станува збор за патнички влечен воз (тие што имаат купеа), но реалноста е дека во последниве десетина години службен вагон не се прикачува. Доколку самостојно се качиш на возот со велосипедот, велосипед не е предвидено да се пренесува во тој воз (без службен вагон). Затоа кондуктерите се оставени на воља и моментално расположение да ти наплатат како сакаат. Опциите кои ги имаат според правилник е за велосипедот да наплатат тарифа за т.н. пазарна роба, односно како за вреќа компири, во кој случај се наплаќа по околу 70 денари на секои 50 километри; да ти истресат сума од ракав; или да не ти наплатат.
Инаку според правилникот, багажот кој го собира во пределите за багаж над главата и под седиштето на патникот не се наплаќа. Така да, кој може, нека си го расклопи велосипедот и нека го стави над глава на држачот.

Кај моторните вагони (пример е белиот или уште познат како шпанскиот воз, кој моментално сообраќа Скопје - Кочани) постои дел каде може да се остават велосипедите и таму никој не ти прави проблем.

Конечно, кој како сака нека се снаоѓа и нека си носи пар лименки пиво за орасположување на кондуктерите. Во случај да помине контрола, најмногу што ќе ти направи е да те натера да ја платиш тарифата за пазарна роба.
Останува само велосипедите да бидат лоцирани на крајот, односно на почетокот на возот како не би сметале во ходникот.

За да ти се разјаснат повеќе горенаведените објаснувања, посети ја интернет страницата на Македонски железници: www.mz.com.mk.